Даночно Известување - Ажурирана Стратегија за реформи на даночниот систем за период 2021-2025

Август, 2022

Владата на Република Северна Македонија ја усвои ажурираната Стратегија за реформа на даночниот систем (2021-2025). Оваа стратегија ќе се реализира преку најавени измени на даночната регулатива во низа области.

Со најавените измени на даночната регулатува, ќе се зголеми даночниот товар на бизнисот и граѓаните, од причина што со истите се укинуваат или лимитираат одредени даночни ослободувања и даночни поволности кој се пропишани со постојната регулатива.  

Во продолжение се наведени најзначајните планирани измени по видови на даноци.

Данок на добивка

  • Се укинува даночното ослободување по основ на реинвестирана добивка, и се најавува постепено воведување на даночно ослободување за дел од трошоците за инвестиции во зелена транзиција и дигитална трансформација.
  • Се воведуваат дополнителни услови за примена на даночното ослободување кое се однесува на приходите од дивиденди со учество во капиталот на друг обврзник резидент на РСМ како и на приходите од дивиденди, остварени од странство.
  • Се најавува укинување на даночните ослободување по основ на : придонесите во доброволен пензиски фонд, премии од осигурување на живот, како и премиите за приватно здравствено осигурување, кои се уплатени од работодавачот. Воедно, се најавува дека ова укинување ќе ги опфати истите ослободувања од аспект на данокот на личен доход.
  • Се лимитира даночното ослободување за донациите во спортот. 

Данок на личен доход и задолжителни социјални придонеси

  • Се воведува обврска за плаќање на задолжителни социјални придонеси за доход по основ на договор за дело.
  • Се укинува максималниот законски лимит за плаќање на социјалните придонеси, со што социјалните придонеси ќе се плаќаат на вкупниот износ на исплатена бруто плата.
  • Се прецизират условите и околностите за оданочување на некои видови на немонетарни бенефиции на менаџери и вработени.
  • Се воведува оданочување на капиталните добивки остварени од продажба на хартии од вредност и удели издадени од инвестициски фонд, како и оданочување на каматите од орочените депозити.
  • Се најавува понатамошно одложување на прогресивното оданочување со данок на личен доход до 31 декември 2023 година.

Данок на додадена вредност 

Со реформите се највени измени и на оддредбите од ЗДДВ, кои согласно најавите во оваа фаза се очекува да бидат во насока на:

  • Стеснување на листата на добра и услуги за кои се применува повластена ДДВ стапка од 5%.
  • Проширување на листа на добра и услуги за кои е исклучено правото на поврат на ДДВ.
  • Укинување на ослободувањето од ДДВ за одредени видови на промет.
  • Прецизирање на ДДВ третманот на трошоците за кало, растур, крш и расипување.
  • Прецизирање на одредбите во ЗДДВ кои се однесуваат на прометот за кој даночен должник е примателот на прометот согласно член 32-а од ЗДДВ.

Согласно најавите на Министерство за финансии, овие измени на даночната регулатива, треба да бидат претставени на јавноста а процесот на нивно усвојување треба да вклучи јавна дебата од страна на релеватните фактори во стопанството. Измените на даночната регулатива би требало да се донесат во текот на 2022 година, и да се применуваат од 01 јануари 2023 година.


Follow us